ЕУ со нов пакет помош за Киев, на фронтот жестоки борби
За траен мир потребна е силна и независна Украина, па затоа ќе и исплатиме речиси шест милијарди евра од програмата за економски и финансиски реформи и од украинскиот механизам, најави претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. На фронтот и изминатото деноноќие жестоки борби …

ЕУ со нов пакет помош за Киев од речиси шест милијарди евра обезбедени преку програмата за економски и финансиски реформи и Украинскиот механизам за поддршка. За траен мир потребна е силна и независна Украина – вели шефицата на Европската комисија. Путин погрешно се пресметал ако сè уште верува дека може да ги постигне своите цели на бојното поле-додава Фон Дер Лајен.
„Сега е моментот да излеземе со нов импулс, да ги разоткриеме циничните обиди на Путин да купи време и да го доведеме на преговарачка маса. Мора да продолжиме да ги зголемуваме трошоците за војната за Русија, кога лузните на руската економија токму сега стануваат се повидливи“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
На фронтот и изминатото деноноќие жестоки борби. Зеленски во посета на војниците во Запорошката област, се дискутира зајакнувањето на одбраната.
„Разговаравме со командантите и ќе направиме сè за да ве зајакнеме. Свесни сме за предизвиците со кои се соочувате, тие се во основа исти во сите правци. Ви благодарам за вашата служба“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Американскиот државен секретар Рубио изјави дека Русија јасно ставила до знаење дека не сака мир.
„Тие и натаму ја напаѓаат украинската електрична мрежа и се обидуваат да ја деморализираат земјата, додека губат околу 7.000 војници неделно. Мислам дека јасно ставија до знаење што сакаат, а тоа е остатокот од Доњецк, и очигледно е дека Украинците нема да се согласат со тоа“, изјави Мароко Рубио, државен секретар на САД.
Од Кремљ возвраќаат-остануваме отворени за политичко и дипломатско решение, но во отсуство на таква можност Русија ќе продолжи да се бори за заштита на своите интереси.
„Секако во позадина на ваквите изјави, украинската страна треба да знае дека порано или подоцна ќе мора да преговара, но од многу полоши позиции. Овие позиции на киевскиот режим ќе се влошуваат од ден на ден“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Истовремено, Киев се соочува со истрага за перење пари од 100 милиони долари во енергетскиот сектор, во која се вмешани сегашни и поранешни функционери. Разрешен е министерот за правда, а министерката за енергетика поднесе оставка. Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, го нарече случајот „исклучително несреќен“ и го повика Киев на сериозност, нагласувајќи дека сите средства треба да се насочат кон војната, а не кон злоупотреби.
Бојана Крстевски
