Власта и опозицијата со нови препукувања за злоупотребите со ИПАРД средствата
Препукувања меѓу власта и опозицијата за замрзнатите средства од ИПАРД програмата. Скандалот со платежната агенција и замрзнатите 130 милиони евра укажува дека власта е длабоко корумпирана – вели лидерот на социјалдемократите Филипче. Премиерот Мицкоски со став – СДСМ да не се затскрива зад прашања, нека излезе со докази ако ги има...

Скандалот со Платежната агенција и замрзнатите 130 милиони евра од ИПАРД програмата, укажува дека оваа власт е длабоко корумпирана – вели лидерот на социјал-демократите, Венко Филипче. Над 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра се директно погодени и се оди на штета на земјоделците кои се уништени од власта, тврди првиот социјал-демократ и заклучува дека по откривањето на скандалот очигледно било дека земјоделците биле под постојан притисок и корупција.
Секој што има направено злоупотреба ќе одговара, директен е премиерот Христијан Мицкоски. Ги отфрла обвинувањата на СДСМ и Филипче велејќи, тие, опозицијата, се служат само со прашања. Шефот на Владата порачува – ако имаат докази нека ги достават до институциите, но во истрагите да не се пронајдат и министри од СДСМ.
И, додека СДСМ обвинува дека економијата е пред колапс, а странски инвестиции нема, а постојните ги затвораат погоните и отпуштаат работници, од ВМРО-ДПМНЕ иронично реплицираат дека изминатите седум години СДСМ токму на економски план постигнале успеси. Ги донеле Фејсбук, Гугл и патеката за Ф1 трки.
Миле А. Ристески
