Здравство

Фармацевтско досие за пациентите во „Мој термин“ – бараат аптекарите

13.11.2025 18:36

Фармацевтите имаат огромна улога во едукација на пациентите, токму затоа бараат преку Министерството за здравство да бидат вклучени во терапијата која им се доделува. Здруженијата и Комората бараат едуцираните фармацевти да имаат пристап до „Мој термин“ и на тој начин да бидат вклучени во целиот процес на лекување на граѓаните. Ова е дел од смарт-проектот, кој се води заедно со Американската асоцијација на фармацевти …

Фармацевтско досие за пациентите во „Мој термин“ бараат аптекарите, за да може да се евидентира дали терапијата е подигната и како пациентот реагира на неа. Увид ќе имаат матичните лекари. Честопати пациентите сами се лекуваат, ја менуваат терапијата, а тоа никаде не е заведено.

„Кога би имале дел во досието „Мој термин“ да можеме да го евидентираме она што ќе го сработиме зад рецептурите во тој случај матичниот лекар ќе може да ја ревидира терапијата, да ја промени дозата се во насока на добар менаџмент и добро управување со третманот“, изјави Биљана Божиновска од Здружение на приватни аптеки.

Фармацевтите сè уште чекаат здравствените власти да го потпишат правилникот, со кој во аптеките кои ги исполнуваат условите ќе може да се мери крвен притисок, шеќер во крвта и други превентивни услуги.

„Значи треба да има фармацевт, треба да има доволен простор каде ќе може да се советува пациентот. Се направи и измена каде што се донесе и акт за минимални цени, кои треба за брзо време да се формираат и ќе бидат на товар на пациентот, тоа ќе бидат симболични цени“, изјави Весна Ставрова, претседател на Фармацевтска комора.

Аптекарите не се само издавачи на лекови. Тие можат да им помогнат на пациентите и во подобрување на нивната здравствена состојба. Преку проектот „Смарт фармацевт“ ќе се внесуваат светските фармацевтски протоколи во земјава.

„Ние правиме заеднички план со пациентот и гледаме кога пациентот ќе се врати во аптека колку е тој план исполнет. Поставуваме таргети кои треба да се исполнат од самата проценка и дефинитивно смарт фармацевтот не е само издавач на лекови туку многу повеќе од тоа“, изјави Мајкл Роус – претседател на Американската асоцијација на фармацевти.

Досега околу 800 аптекари во земјава поминале обуки за „Смарт фармацевт“.

Андријана Ѓурческа