Здравство

Кај 10 лица направени непотребни кардиолошки интервенции, утврди комисијата

14.11.2025 09:50

Комисијата дополнително ќе ги анализира случаите, заедно со странските експерти кои ќе се вклучат во работата.

Од анализираните 19 случаи, кај десет, комисијата од Министерството за здравство утврдила дека биле извршени непотребни кардиолошки интервенции кај пациенти во приватни болници. Комисијата дополнително ќе ги анализира случаите, заедно со странските експерти кои ќе се вклучат во работата.

Претседавачот на комисијата, д-р Жарко Христовски рече дека со резултатите од оваа првична анализа, ќе настапат заедно со меѓународната комисија којашто е поканета од страна на Министерството за здравство, во дополнителна анализа на овие случаи во кои е утврдена проблематична индикација, или проблем во поставување на индикација, односно стратегија за лекување.

Од вкупно доставените 25 случаи, комисијата утврди дека шест треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи таа не е надлежна.

Од досегашните пријавени случаи, ние заклучивме дека за поголемиот број од нив ние имаме неправилно упатени и неправилно оперирани пациенти, нагласи д-р Ненси Лозанче.

Комисијата беше формирана откако кардиохирургот Сашко Кадев во интервју изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции само за профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции.