Украина

Жестоки борби на украинскиот фронт

14.11.2025 14:33

И натаму тензично на руско-украинскиот фронт. Неколкумина убиени и ранети во масовниот напад врз Киев, регистрирана и значителна материјална штета. Ударот возвратен со украински беспилотни летала врз рускиот град Новоросијск. Погодени станбени згради, брод и складиште за нафта. Повредени тројца членови на екипажот.

Неколку лица загинаа откако Русија изврши масовен напад со дронови и со ракети врз Киев во текот на ноќта, предизвикувајќи пожари низ главниот град. Околу 30 лица биле ранети, додека екипите за итни случаи реагирале на повеќекратните напади низ регионот. Украинскиот претседател Зеленски им дал задача на дипломатите во земјата да ги информираат партнерите и сојузниците на Украина за руските напади, нивната природа и избраните цели. Украинските возврати на нападите. Со беспилотни летала гранатиран рускиот град Новоросијск. Оштетени станбени згради, погодени брод и складиште за нафта. Повредени тројца членови на екипажот.

„Спиев тука, а потоа сфатив дека морам да се засолнам. Станав, се облеков, излегов и се случи експлозија“, изјави Олех Худима – локален жител.

„Не слушнав ништо, само сфатив дека косата ми гори. Се свртев и видов дека нема ѕид од другиот стан. Соседот врескаше, а пламенот доаѓаше од влезната врата. Го зедов кучето и се спуштивме пред зграда“, изјави Марија Калченко – локален жител.

Регистрирана е значителна материјална штета. Оштетени се станбени згради, медицински установи, автомобили. Властите предупредија на можни прекини во снабдувањето со електрична енергија и со вода.

„Нападот со беспилотно летало оштети неколку стана и куќи. Полицијата и истражниот тим земаа изјави од луѓето, ги проверуваат становите и ја евидентираат штетата“, изјави полициски службеник.

Нападот доаѓа откако европската унија предупреди дека Украина мора да продолжи со сузбивање на корупцијата по големиот скандал со мито што ги стави под лупа највисоките претставници од енергетскиот сектор. Но, исто така дадоа и гаранции дека помошта ќе продолжи да пристигнува додека Киев се обидува да ја спречи руската инвазија.

 

Катерина Бојаџиева