ОЈО оформи предмет за Беџети
Обвинителството оформи предмет за ексградоначалникот на Сарај и пратеникот Беџети осомничен за проневера 1,7 милиони евра. Беџети ја отфрла пријавата, обвинува за политички монтирана хајка...

Јавното обвинителството отвори предмет за пратеникот Блерим Беџети. Од таму велат дека се постапува по кривичната пријава од Финансиската полиција за поранешниот градоначалник на Сарај и актуелен пратеник од ДУИ како и за уште 7-те негови соработници од општината. Се прибираат и разгледуваат докази и по комплетирање на случајот ќе има јавнообвинителска одлука.
„Оформен е предмет, распореден кај јавен обвинител и се постапува по него“, стои во соопштението од ОЈО.
Пратеникот Беџети вели дека се работи за политички мотивирана хајка против него, а пријавата е неоснована, и тоа ќе го докаже институционално. Уверува, сите постапки на Општината се спроведени во рамките на законските надлежности, со валидни документи и акти. Ќе возврати со пријави против првите луѓе на Финансиска полиција.
„Кривичната пријава поднесена од страна на Финансиската полиција е целосно неоснована, и затоа против директорот Слободан Ивановски, заменик директорот Илбер Имери и уште две лица кои заедно со нив учествувале како организирана банда во оваа политичка хајка ќе поднесеме соодветна пријава“, изјави Беџити.
8-те лица против кои се поднесени кривични пријави се теретат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење фалсификување и уништување на деловни книги. Сомневањата се дека осомничените со лажна дозвола за градба извршиле урбанизација на неурбанизирана парцела во урбанистичкиот план.
Марина Стојанова - Тонева
