Стартува амандманската расправа

За Предлог-буџетот за 2026 година поднесени над 100 амандмани

14.11.2025 18:52

Предлог-буџетот стигна на собраниска комисија. Поднесени се над 100 амандмани. Министерството за финансии предвиде дека државната каса идната година ќе тежи 6,7 милијарди евра. Опозицијата критикува дека предложен е потрошувачки буџет, наменет за тековни расходи...

Повисоки плати, пензии, инвестиции во инфраструктурата, поголем економски раст, нови вработувања, поддршка на стопанството, предвидува Предлог-буџетот за следната година за кој почна амандманската расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Приходите се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари. Економскиот раст е проектиран на 3,8 насто, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

И ако за власта буџетот е развиен, за опозицијата е потрошувачки и политички. Обвинуваат дека 90 насто од средствата се трошат за тековни расходи, а 10 насто за капитални инвестиции.

Според Беџети Предлог-буџетот е конзервативен, но во име на Фискалниот совет ги поддржа проекциите за наредната година. Појасни дека се реални особено во делот на јавните расходи кои се во помала динамика на раст од јавните приходи.

Од Финансии најавуваат дека ќе продолжат мерките за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи, фискалната консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, за поголема ефикасност и одговорност при трошењето на буџетските средства. 

Александра Велинова