Мицкоски: До крајот на годината ќе се донесат законите поврзани со правосудството
Со четири закони до Нова година, правосудството ќе добие независност. Премиерот им порача- буџет ќе имаат, но ќе се бара отчет за секој потрошен денар. Судската власт со остар тон до премиерот- критиката до нас е неаргументирана.

Јавните коментари за работата на судовите ја надминува границата на аргументирана критика и преминува во паушални напади – му одговорија судиите на премиерот Мицкоски кој ги оцени како неажурни, со низок рејтинг и им порача дека ќе останат без зголемени плати. Повикувајќи се на извештајот од Европската комисија, Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите, велат – најголем проблем е независноста на судството.
„Најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи“, стои во писмото до премиерот Христијан Мицкоски од Судски совет, Врховен суд, Здружение на судии.
Ако сакаат независен судски буџет, ќе го добијат, одговори првиот човек во Владата. Но, ги потсети дека за секој потрошен денар ќе треба да дадат отчет пред граѓаните.
Повеќе пари побара и државниот обвинител Коцевски. Смета дека со предложениот буџет за идната година не може да подмират трошоците за водење на ефикасни истраги.
Обвинителството во моментов работи со 360 обвинители. За да биде ефикасно, потребно е да има уште два пати по толку.
Анита Димитријевска - Велковска
