Изгласан ребалансот на буџетот на Град Скопје тежок 120 милиони евра
Жестока расправа за буџетот на Град Скопје кој тежи 120 милиони евра. СДСМ го поддржаа, иако не се согласуваат со политиките, Левица и Зелен хуман град се против. Годинава за украсување ќе се потрошат 70 илјади евра...

Со 37 гласа за советниците го изгласаа прекројувањето на градската каса, тешка над 120 милиони евра. Се кратат околу 900 милиони денари кои претходната градска власт ги планираше за купување нови автобуси за потребите на ЈСП.
Скопскиот градоначалник Ѓоргиевски појаснува дека товарот за нивната набавка ќе падне на извршната власт која ќе набави нови 80. Повеќе пари за капитални проекти, помалку за непродуктивни трошоци, финансиско зајакнување на јавните претпријатија кои тонат во долгови.
Меѓусебните дофрлања и кавгите на гласањето на ребалансот на буџетот. Советниците од „Левица“ најгласни во обвинувањата кон градоначалникот Ѓоргиевски.
Против гласаа советниците од „Левица“ и „Зелен хуман град“.
Ѓоргиевски вели дека целта на овој ребаланс е стабилизација на јавните претпријатија. Обелодени – долговите надминуваат 180 милиони евра. Најави оти системски од следната година ќе се решаваат проблемите, а наскоро на раководните позиции ќе седнат директори кои имаат големо искуство.
Годинава Скопје ќе биде украсено за нова година, ќе има и прослава за што ќе бидат потрошени 70.000 евра.
Викторија Милевска
