Свет

БИ-БИ-СИ под силен притисок-„Телеграф“ објави уште една спорна монтажа

14.11.2025 18:37

БИ-БИ-СИ под силен притисок и во центарот на нов медиумски скандал откако весникот „Телеграф“ објави уште една спорна монтажа на говорот на Трамп емитуван во „Њузнајт“-речиси две години пред спорниот документарец „Панорама“, кој ја предизвика најсериозната криза во историјата на британскиот сервис. Во истовреме пред истекот на крајниот рок, шефот на Белата куќа го доби официјалното јавно извинување од БИ-БИ-СИ кој одбива да плати отштета од милијарда долари како што побараа адвокатите на Трамп …

Американскиот претседател Доналд Трамп го доби јавното извинување од БИ-БИ-СИ за неговиот монтиран говор во спорниот документарец „Панорама“ пред истекот на крајниот рок поставен од неговиот адвокатски тим. Телевизијата негира клевета и одбива да плати отштета.

„Прифаќаме дека нашето уредување ненамерно создаде впечаток дека претседателот Трамп упатил директен повик за насилна акција. Претседателот на БИ-БИ-СИ, Самир Шах, одделно испрати лично писмо до Белата куќа, во кое тој и Корпорацијата му се извинуваат на Трамп за уредувањето на неговиот говор од 6 јануари 2021 година, кој беше прикажан во програмата. БИ-БИ-СИ нема планови да го реемитува документарецот и искрено жали за начинот на кој беше монтиран, но не се согласува дека постои основа за тужба за клевета“, соопштуваат од БИ-БИ-СИ.

Трамп сака да ја тужи медиумската куќа бидејќи јавноста не смеела да биде измамена. Неговите адвокати претходно најавија тужба за БИ-БИ-СИ за отштета од милијарда долари доколку не го повлечат документарецот, не се извинат и не го обесштетат. Британската министерка за култура, Нанди застана зад медиумската куќа. Таа потврди дека медиумот направил сериозна грешка, но верува дека нема правна одговорност за тужба за клевета.

„Секојдневно разговарав со претседателот на одборот, генералниот директор и високите членови на БИ-БИ-СИ. Тие се консултираа со адвокати и се апсолутно уверени дека се заштитени од клевета. Тоа не значи дека не прифаќаат дека тука имало сериозна грешка. И тоа е основата врз која тие му се извинија на претседателот на САД, како и на Долниот дом и на јавноста за грешките што беа направени“, изјави Лиса Нанди, министерка за култура на Велика Британија.

Додека скандалот со „Панорама“ ја предизвика најголемата криза во британскиот медиум нарушувајќи ја довербата во јавноста, БИ-БИ-СИ е соочен со ново обвинување, откако весникот „Телеграф“ објави уште една спорна монтажа на говор на претседателот Трамп емитувана во „Њузнајт“ во јуни 2022-та, година и пол пред контроверзниот документарец. БИ- БИ- СИ засега негира системски пропусти, но потврдува дека го истражува случајот и ги разгледува следните чекори.

Бојана Крстевски