Во Куманово расте бројот на институции кои се затоплуваат на гас
Расте бројот на институции кои се затоплуваат на гас. На мрежата со европски пари, се приклучуваат девет установи, во рамки на проект за чист воздух. Очекувањата се намалување на аерозагадувањето. Цената на природен гас во моментов изнесува 60 денари...

Градинките, основните и средни училишта, болницата, домот за стари лица, јавните претпријатија, веќе се затоплуваат на гас. Цената за метар кубен во моментов изнесува 60 денари. Од јавното претпријатие „Куманово гас“ задоволни, привршува ширењето на мрежата и наскоро корисници ќе бидат и Основниот суд и полициската станица. Паралелно преку европски проект ќе се гасифицираат уште пет институции. Очекуваат да расте и бројот на заинтересирани граѓани.
„Овие седум објекти кои ги споменавме во наредниот период да влезат кои треба да ја зголемат нашата дистрибуција за некои 20% многу битна работа е што сите овие објекти се наоѓаат во централното градско подрачје, работиме на намалување на загадувањето, чисто како информативно природниот гас има околу 500 пати помалку ПМ 10 честички за разлика од нафтените деривати“, истакна Марко Митровски, директор ЈП „Куманово гас“.
До идната година очекуваат да заврши приклучокот и седумте објекти да бидат гасифицирани. Вкупно со нив во Куманово на природен гас ќе се затоплуваат 39 правни субјекти.
Дури девет институции ќе се гасифицираат со средства на Европската унија за проектот „ЕУ за чист воздух“.
Претпријатието со средства на Владата од унгарскиот кредит ја прошири мрежата и до малата индустриска зона во Доброшане. Обезбедени се и пари за зоната кон населбата Карпош, но и за неколку други улици.
Елена Георгиевска
