Земјоделство

Доцни жетвата на оризот, цената ниска

15.11.2025 13:44

Состојбата со откупот на оризовата арпа не била никогаш полоша, не паметиме толку ниска откупна цена – велат оризопроизводителите од кочанско. Годинава оризот е застапен на 4.000 хектари, родот е собран од половина од површините. Околу 10 илјади тони арпа од ланската жетва е неоткупена. Оризот е стратешка култура, очекуваме мерки и решенија од државата, став на Националната земјоделска мрежа.

Доцнеше сеидбата на оризот, доцни и жетвата. Родот е собран само од половина од оризните површини, а заради дождовите е со голема влажност. Околу десет илјади тони арпа од ланската жетва стои непродадена, откуп за стоковите резерви сè уште нема, не е утврдена ниту производната цена за оваа реколта. Државата има обврска да интервенира, оризот е стратешка култура, велат од Националната земјоделска мрежа. Ланскиот ориз се откупува по цени пониски од производната, која беше утврдена на 27 денари.

Оризопроизводителите очекуваат министерот за земјоделство да понуди решенија, во спротивно ќе има протести.

Според откупувачите ниската откупна цена е резултат на евтиниот ориз од Грција и земјите од Блискиот Исток, кои од лани силно се пробија во Србија, Косово и Албанија каде традиционално се пласира македонскиот ориз. Моменталната извозна цена за српскиот пазар од Македонија е едно евро за килограм бел ориз.

Славица Величковска