Украина со дронови пресретнувачи ќе се брани од Русија
Војната во Украина продолжува со несмален интензитет. Брисел со остра осуда по последниот жесток руски напад со беспилотни летала во кои загинаа цивили. Москва негира дека цел биле цивилни области, туку дека се граѓани воено-индустриски и енергетски објекти…

Украина почна масовно производство на дронови пресретнувачи за зајакнување на воздушната одбрана, по интензивираните руски напади врз енергетската инфраструктура. Москва негира дека гранатирала цивилни области, а руското министерство за одбрана соопшти дека се нападнати „воено-индустриски и енергетски објекти“. Европската унија со осуда по последното гранатирање со беспилотни летала кои резултираа со неколку убиени и ранети цивили. Уверуваат дека поддршката за Киев останува силна.
„Украина мора да направи сè за да биде сигурна дека ниту еден руски напад нема да остане неказнет. Нашето оружје, меѓународните санкции и политичкиот притисок врз Русија, сето тоа функционира и ќе функционира уште повеќе“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Москва не планира да го нападне НАТО, но на секој напад од Алијансата ќе одговори со сите достапни средства, предупреди портпаролката на руското министерство за надворешни работи.
„Доколку на стратезите на НАТО им текне таква луда идеја-напад врз Русија, тие не треба да се сомневаат дека ќе одговориме со сите расположливи средства. Ние сме подготвени за каков било развој на настаните“, порача Марија Захарова, портпаролка на руското МНР.
И Обединетите нации со осуда. Повикаа на итен прекин на огнот. Според Мисијата за мониторинг на човековите права во Украина, бројот на цивилни жртви за првите десет месеци од оваа година веќе го надмина вкупниот број за целата мината година.
„По најновите напади, хуманитарните организации, вклучувајќи ги агенциите на он, националните и меѓународните невладини организации, брзо се мобилизираа за да им помогнат на погодените луѓе во Киев и низ цела Украина. Се обезбедуваат топли оброци, материјали за итни засолништа, ќебиња и хигиенски средства, како и психосоцијална поддршка“, изјави Стефан Дужарик, портпаролот на Обединетите нации.
Нападот врз Киев беше најсилен во последните, речиси три недели. Шест лица беа убиени, а над 30 беа ранети, вклучувајќи и деца. Украинските сили возвратиле со крстосувачки ракети со долг дострел против цели во Русија. Судбината на мировниот самит инициран од американскиот претседател засега останува неизвесна.
Катерина Бојаџиева
