Куманово

Реформи во кумановскиот противпожарен систем

16.11.2025 17:19

Професионална противпожарна единица, со обновен возен парк но и зајакната со доброволни друштва, се целите на програмата којашто започна да ја спроведува Куманово со поддршка на Австрија. Општината доби донација, возило со скала за висококатници. Предизвик во наредниот период ќе биде да се најдат млади волонтери...

Куманово е една од општините вклучена во пилот-проект за реформи на противпожарниот систем. Целта е искуствата на службите од Тирол, Австрија, на започнат да се применуваат. Да се обезбеди професионална противпожарна единица, која ќе биде опрема, но и зајакната со доброволни друштва. Во рамки на проектот Куманово доби и противпожарно возило со корпа и хидраулична скала висока 32 метри, кое ќе се користи за интервенции, спасување од висококатници и вонредни состојби. Претходно тројца пожарникари беа на студиска посета во Тирол, а се адаптираше и гаражниот простор на единицата.

„Во самиот старт на три различни пунктови – во селата Пчиња, Табановце и Орашац, каде што општината ќе има обврска да изгради во рамки на постојните капацитети и места за паркирање и складирање на опремата и места за тренинг на доброволците. Целта е да се приближиме на системот којшто Република Австрија го има во моментот и тоа е еден од најдобрите не само во Европа, туку и во светот“, нагласи градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Доколку Куманово обезбеди доволен број доброволци-пожарникари, ќе добие и доопремување на единицата, со возила, но и обуки.

„Ние сме сојузна покраина и имаме околу половина жители колку што има во цела Македонија. Имаме 23.000 доброволци, волонтери. Во Македонија има 800 доброволци. Почнуваме уште во училишна возраст со обука на младите во училиштата“, истакна координаторот на проектот, Петар Логар.

Возниот парк на единицата во Куманово е стар во просек 40 години.

Елена Георгиевска