МЕКСИКО

Жестоки протести на „генерацијата зет“ во Мексико Сити, над 120 повредени

16.11.2025 13:57

Нова побуна на „генерацијата зет“, овојпат во Мексико. Обединети против корупцијата, криминалот и неказнивоста илјадници излегоа на улиците на престолнината. Револтот на демонстрантите прерасна во судири со полицијата. Стотици лица се уапсени...

Ескалираа антивладините протести во Мексико Сити предводени од „генерацијата зет“ против криминалот, корупцијата и неказнивоста. Повредени над 120 лица, од кои најголем дел полицајци, а 20 лица се уапсени. Демонстрантите урнаа делови од бариерата пред националната палата, полицијата употреби солзавец за да ги растера. На „генерацијата зет“ им се приклучија и поддржувачите на опозициските партии.

„Не сум за ниту една политичка партија. Јас сум за поголема безбедност“, изјави Андрес Маса, демонстрант.

„Секој ден сме изложени на несигурноста што постои во Мексико. Некој може да дојде, да ве убие и апсолутно ништо да не се случи. Треба поголема безбедност“, вели Аризбет Гарсија, демонстрантка.

Скандирајќи „Карло не умре, владата го уби“, изразија незадоволство и поради убиството на градоначалникот на Уруапан, кој беше застрелан на 1-ви ноември поради неговата борба против нарко-картелите.

„Уморни сме да гледаме отворени досиеја за истрага, а владата никогаш да не дејствува“, рече Самуел Валдез, студент.

„Имаме нарковлада која наместо да го брани народот, избира да ги штити корумпираните и картелите“, истакна Валентина Рамирез, студентка.

„Тука сум да кажам и да покажам колку ми е преку глава од оваа влада, оваа нарко-влада што убива невини луѓе“, рече Фаусто Аројо Амбриз, вработен во владата.

„Ќе се бориме до крај. Не можеме да дозволиме Мексико да стане како Венецуела или Куба, диктатура. Мексиканците се презаситени“, порача Клементе Рејес Монтиел, пензиониран социолог.

„Генерацијата зет“ се исправа против неправдата и нееднаквоста и ги менува работите. Неодамна во Непал го искажаа незадоволството од високото ниво на корупција во земјата, за на крајот да издејствуваат смена на власта. Слични сцени и во Индонезија. Кон крајот на август, генерацијата го покажа бесот откако пратениците добија надоместоци речиси 10 пати поголеми од месечната минимална плата. Претходно жестоко реагираа во Бангладеш и Шри Ланка.

Катерина Бојаџиева