Предлог-буџет за 2026

За власта развоен и стабилен, опозицијата критикува за рекордно задолжување

16.11.2025 14:27

За власта развоен и стабилен, опозицијата критикува за рекордно задолжување и кратење на парите за капитални проекти. Предлог-буџетот за наредната година со рекордни 6,7 милијарди евра влезе во собраниска процедура. Познавачите на состојбите сметаат дека проектирањето на буџетот претставува сериозен предизвик поради обврската за фискална консолидација...

Има повеќе пари за плати и пензии, помалку финансиски средства за социјални надоместоци. Буџетот за 2026-та година „развоен, но сепак мора да се внимава на трошењата, да има повеќе поддршка и за бизнисите. Според Горан Ѓорѓиевски од ССК, проекциите за приходите се реални, а државните проекти отвораат можност да бидат и надминати.

Во државната каса ќе се слеат повеќе пари од данок на личен доход за 8,7%. Најголем пораст ќе има кај приходите од данокот на добивка од над 14%. Од ДДВ во државната каса ќе се инкасираат 1,5 милијарди евра. Од социјални придонеси на граѓаните ќе се наплатат 1,98 милијарди евра. Ваквите амбициозни планови, според професорите, се засноваат на воведувањето на е-фактура, како и пад на сивата економија.

Со новото прекројување на државната каса ќе се градат патишта, болници, училишта.

Експертската фела смета дека буџетот е полн со предизвици, односно дека ќе има пари за се, но сепак, мора да се внимава како се троши, поготово на непродуктивни давачки, оти според нив, ние сме сепак социјална држава.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5% од БДП или 637 милиони евра. Капиталните инвестиции се проектирани на 650 милиони евра. За покривање на долгот, планирани се околу 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница. Ова е историски најтежок буџет и ќе тежи 6,7 милијарди евра.

Борис Грујоски