Петровска: Поразот не смееме да го заборавиме
СДСМ по изборниот пораз се соочува со критики одвнатре. Пратеничката Славјанка Петровска бара јасна стратегија пред конгресот, додека партијата прави кадровски промени што власта ги оспорува. Во албанскиот политички блок, „Вреди“ ги толкува оставките на Лога и Тачи како распад на коалицијата на ДУИ, од каде пак уверуваат дека нема криза и најавуваат конгрес...

Отсуството на дебата за претходните резултати доведоа до пораз на СДСМ на локалните избори, смета пратеничката Славјанка Петровска. Во интервју за Радио Слободна Европа, таа вели – партијата не смее да заборави дека освоила само 126 илјади гласови и шест градоначалници и укажува – до следниот конгрес, актуелниот претседател ќе има сериозен предизвик да понуди јасна платформа за излез од кризата.
По изборниот пораз Филипче најави смени во раководните позиции на партијата. Потоа следуваше оставката на потпретседателката Ана Чупевска, на чие место дојде лекарот Александар Трајановски. Иако Филипче оцени дека неговото назначување ќе донесе свежина во партијата, ВМРО-ДПМНЕ во него гледа лојален човек на Заев.
И албанскиот политички фактор не останува нем на случувањата во својот двор. Коалицијата ВРЕДИ повлекувањето на Кренар Лога и заминувањето на Мендух Тачи, го толкува како распад на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ. Интегративците пак не сметаат дека коалицијата им е во криза. Оставката на Лога не ја коментираат, а за следниот месец подготвуваат партиски конгрес на кој не е исклучена можноста да се изгласаат промени во партиското раководство.
Анита Димитријевска – Велковска
