Регион

Албанија го отвори последниот кластер од преговорите

17.11.2025 12:34

Албанија во Брисел ја одржа 7-та Меѓувладина конференција во Европската Унија. Нашиот западен сосед го отвори и последниот кластер од преговорите. Премиерот Рама очекува процесот да заврши до 2027 година, а Албанија најдоцна до 2030-та да стане членка на Унијата.

Албанија во Брисел на седмата Меѓувладина конференција со Европската Унија го отвори последниот кластер од пристапниот процес кој се однесува на ресурсите, земјоделството и кохезијата. Според еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ова е посебен ден не само за Албанија, туку и за Европската Унија, бидејќи покажува дека процесот функционира.

„Овој успех немаше да биде можен без посветеноста на надворешната политика на Албанија и без силната посветеност на сите земји членки на европската унија да го поддржат напредокот на Албанија. Успехот на Албанија е резултат на властите кои работеа со невладините организации и со засегнатите страни во имплементацијата на важните реформи и тоа е резултатот на барањата на албанските граѓани кои сакаа промени и ги поддржаа промените. Албанија е најдобриот пример за трансформирачката моќ на проширувањето.“, изјави Марта Кос – еврокомесарка за проширување.

За албанскиот премиер, Албанија го постигнала невозможното, финализирајќи ги сите преговарачки поглавја во рок од 12 месеци и постигнувајќи апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција. Рама очекува членство во ЕУ во 2030 година.

„Кој би помислил дека ќе бидеме тука денеска, отворајќи ги сите кластери. Тоа беше нешто што се чинеше толку невозможно и ние бевме дојдени до точка каде се навикнавме на уназадувања, но јас верувам дека целото ова патување не направи посилни, посвесни за овој процес и посозреани. Еве сме тука денес стоиме пред тоа што до пред година ни беше само сон, а сега се разви во работен план, реалност во која мораме да работиме во секојдневниот живот.“, изјави Еди Рама – премиер на Албанија.

Албанија има амбиции да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година. По ова би следела процедурата за ратификација на договорот за членство од страна на државите од Унијата, што трае 18 до 24 месеци, по што земјата се надева дека би можела да стане членка на ЕУ во 2030 година. Албанија доби кандидатски статус во 2014 година.

Катерина Бојаџиева