Руско-украински конфликт

Нови руски напади врз Украина, жртви и повредени во Харков

17.11.2025 16:04

Русија со нови жестоки напади врз украина. На удар се најде бисерот на Црно Море, Одеса. Погодена енергетската и пристанишната инфраструктура. Американскиот претседател Трамп се закани со санкции за сите земји кои ќе водат бизнис со Москва, навести и дека на листата може да го придодаде и Иран …

Украинскиот претседател е во европска турнеја во обид да ја зајакне поддршката за земјата пред зимата. Во Париз, на средбата со францускиот претседател Макрон потпишани договори за соработка. Франција ќе и обезбеди на Украина борбени авиони, противвоздушни системи и проектили. Зеленски вчера потпиша договор за увоз на природен гас од Грција, а договорот вклучува и транзит на американски течен природен гас.

„Испораките на гас ќе почнат веќе во јануари и важно е нашите договори да бидат имплементирани во првиот квартал. Постигнавме билатерални договори и сме многу благодарни на американските компании, министерството за енергетика на САД и на претседателот Трамп, за фактот дека ќе можеме да добиваме природен гас не само од Грција, туку и преку Грција“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Ова ќе ѝ даде на Украина непосреден пристап до разновидни и сигурни извори на енергија, додека Грција станува центар за снабдување за Централна и Источна Европа со американски течен природен гас“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.

Американскиот претседател објави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции врз сите земји што соработуваат со Русија. Новите мерки би можеле да се однесуваат и на Техеран, клучен сојузник на Москва.

„Републиканците воведуваат закони – многу строги. Тоа е санкционирање за секоја земја што соработува со Русија. Тие може да го додадат Иран на тоа, како што знаете, јас го предложив. Значи, секоја земја што соработува со Русија ќе биде многу строго санкционирана“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

На фронтот, продолжуваат руските воздушни напади врз украинските градови. Жртви и повредени во Харков. На удар енергетските и пристанишните инфраструктурни објекти во Одеса. Во меѓувреме Полска објави дека експлозијата што ја оштети железничка пруга на линијата Варшава-Лублин е предизвикана од чин на саботажа. Полските власти во минатото тврдеа дека улогата на земјата како центар за помош на Украина ја прави цел на саботажи акти.

 

Маријана Димовска