Од денеска во сила ноќната забрана за фрлање отпад во Скопје
Од денеска во сила, забраната за фрлање ѓубре во Скопје во периодот од 22 часот до 6 часот наутро. Инспекторите излегуваат на терен. Физичките лица кои нема да ја почитуваат одлуката ќе се казнат со 50 евра, за правните – глобата и до 1.800 евра...

Оние кои фрлале ѓубре во контејнерите во ноќните часови во главниот град без оглед дали станува збор за физички или правни лица ќе мора да ја променат навиката. Почна да важи одлуката на Град Скопје за временско ограничување на фрлањето ѓубре, за да се стави ред на одлагањето отпад. Па така, физичките лица кои нема да ја почитуваат одлуката ќе бидат казнети со 50 евра, а правните од 1.300 до 1.800 евра. Граѓаните со кои поразговаравме ја поддржуваат одлуката, бидејќи како што велат казните можат да ја разбудат заспаната еколошка свест, а за тоа сведочат европските метрополи каде се многу повисоки.
Спроведувањето на забраната ќе го контролираат комунални инспектори кои ќе работат во три смени. Мерката е со цел да се спречат угостителските и деловните субјекти да ги полнат контејнерите што се наменети за домаќинствата и да придонесе за поорганизирано и навремено собирање на сметот низ градот.
Од Град Скопје велат дека работат на тоа, сите угостителски објекти ќе добијат посебни контејнери за одлагање на отпадот, како и посебен тарифник и јасно утврдени услови за одлагање на отпадот.
Александра Велинова
