Локални избори

Распишани повторените локални избори во четири општини, ќе се гласа на 11-ти јануари

17.11.2025 17:02

Повторувањето на изборите се однесува на општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Во овие општини, на првиот круг од локалните избори на 19-ти октомври, немаше доволен број излезени граѓани за да се исполни законскиот цензус...

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го потпиша актот за одржување повторени избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа.

Повторените избори се закажани за 11-ти јануари следната година. Во овие четири општини на првиот круг од локалните избори не беше постигнат потребниот цензус од една третина излезност на граѓаните.

Во пишаниот допис, собранискиот спикер упати повик до граѓаните на овие општини масовно да го остварат своето право на глас. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет – укажува Гаши.

А Државната изборна комисија веќе ги започна подготовките за одржување на локалните избори во четирите општини со усвојување на роковникот и низа други акти неопходни за изборниот процес.

Сега, роковите се скратени за пет дена, освен кампањата. Жителите на општините каде ќе има повторно избори може да го проверат Избирачкиот список од 26-ти ноември до 10-ти декември.

Миле А. Ристески