Струга

Судот го казни бранителот на првообвинетиот лекар во случајот со родилката од Дебар

17.11.2025 17:27

Со парична казна од 1.000 евра судот го казни бранителот на првообвинетиот гинеколог во случајот со родилката од Дебар, која при породување во струшката болница остана без три органи. Заради злоупотреба на права и постојано одлагање, судот ќе одреди и нов адвокат...

Парична казна од 1.000 евра доби, бранителот на првообвинетиот лекар Мухамед Асани, во случајот со родилката од Дебар, која при породување во струшката болница остана без три органи. Заради злоупотреба на права и постојано одлагање, Судот донесе одлука да се додели и нов адвокат на обвинетиот.

Целта на овие мерки е да се спречи застарување на делото, во август идната година.

„За случајот Веапоска“ исто така, и покрај паричната казна овој пат отидовме затоа што имаше повеќекратни одлагања од истиот бранител, се донесе одлука Судот да определи нов бранител којшто ќе ги застапува интересите и затоа на многу краток рок го одложивме за да можеме конечно да имаме услови да го завршиме“, изјави судијата Јордан Јованов судија.

Јилдаз Веапоска денес во судот дојде со десеттина нејзини поддржувачи од Дебар, најави протести, доколку до крајот на годинава не заврши судскиот процес, кој се влече веќе 4,5 години.

„Јас лично имам нула доверба во нашите судови и така што ќе чекаме до крај на месецот. Мислам дека ако заврши, ќе биде во ред, ако не заврши, ќе има протести во Дебар, протести пред судот во Струга, ќе има протести и во Кривичен Скопје“, рече Јилдаз Веапоска.

„Ние не бараме нешто невозможно, бараме она што треба да го добие - правда. Не дека лист хартија ќе го врати она што го изгуби, но да се знае кој - каде сме“, изјави Бајрам Несимоски, жител на Дебар.

Истиот адвокат, Игор Петковски, денес беше казнет со дополнителни 2.000 евра за одлагање на две судски рочишта во кои е обвинет поранешниот градоначалник Рамиз Мерко.

Соња Рилковска