15.000 пациенти од истокот користат „Рурален доктор“

03.09.2014 10:02

Со проектот „Рурален доктор“, 15.000 пациенти од источниот регион направиле контролен преглед без да одат во градските амбуланти. Се планира наскоро, освен прегледи, мобилните екипи да издаваат и рецепти. На тој начин над 35 илјади лица од руралните средини ќе имаат редовна здравствена заштита...

Околу 15.000 пациенти од селата во источна Македонија, од почетокот на проектот  „Рурален доктор“ оствариле примарни здравствени прегледи во местото на живеење.

„Неделно се вршат околу 40 прегледи. Бројката е различна во секое населено место. Најчести заболувања се кардио-васкуларните проблеми“, истакна д-р Ирена Серафимова, лекар во Брза помош – Штип.

Што за оние со здравствени проблеми значи повременото присуство на лекар во  селото?

„Се намалуваат трошоците, инаку треба да дадеме по 100 денари само за превоз. Редовно доаѓам. Сега идам од таму. Ми констатираа покачен шеќер во крвта“, велат пациентите кои ги затекнавме во амбулантата во с. Таринци, Карбинско.

Наскоро, освен превентивни прегледи, руралниот доктор ќе има и поголеми овластувања.

„Се предвидува, покрај превентивните прегледи, да се препишува и одредена терапија, а во понатамошниот период да се издаваат и упати на секундарно ниво“, објаснува Валентина Везенкова- Варадинова, директор на Здравствен дом – Штип.

Во моментов, поради малиот број на вработени, прегледите ги вршат лекари од Итната медицинска служба.

„За општините Кочани и Зрновци ни треба вработување на двајца лекари и две медицински сестри, значи два тима. За општината Чешиново - Облешево еден лекар и една сестра. Значи за сите овие општини ни требаат три тима“, изјави д-р Борис Спанчевски, директор на Здравствен дом – Кочани.

Инаку, во Источниот регион, без постојана здравствена заштита во местото на живеење се околу 35.000 жители.

 

Оливера Жежова