Здравство

Дијабетичарите водат битка и со болеста и со системот

17.11.2025 17:41

Битка и со болеста и со системот. Дијабетичарите се исправени пред сериозни предизвици. Се жалат дека се соочени со откази поради нивната здравствена состојба и побараа државата да ги заштити…

Дијабетичарите не се борат само со болеста, туку и со задржување на работните места, каде честите боледувања поради наглите падови на шеќерот им носат страв од отказ. Немаат пауза за третман и исхрана, системот не нуди заштита. Од државата бараат сензори за полесно да го контролираат шеќерот.

„Има луѓе што ги отпуштаат од работа затоа што имаат чести хипо или хипер состојби, ги отпуштаат затоа што користат боледувања затоа што немаат сензори, за хипо состојба имате три дена боледување. Немаат храна според своите потреби, немаат тоалети, не им се почитуваат прават во однос на здравјето“, вели Димче Велев – Сојуз на здруженија на дијабетичари.

Дијабетичарите го чекаат новиот тендер за набавка на сензори, бараат да има за сите 3.200 пациенти со тип 1, а не само за 650. Но, информациите не се оптимистички, најверојатно ќе се повторат истите бројки.

„Сè уште не сме на она место каде би сакале да бидеме, вклучувајќи ја покриеноста на новите сензори, присуството на сите многу значајни лекови“, изјави проф. д-р Татјана Миленковиќ, претседател на Научно здружение на ендокринолози.

„Дијабетесот чини. Цената на кчинење е само 30 проценти за терапија, односно за дијагностика, во споредба со 70 проценти што се трошат средства за компликации, хоспитализации итн.“, вели д-р Ирфан Ахмети, директор на Универзитетската клиника за ендокринологија.

Во земјава околу 140 илјади граѓани живеат со дијабетес, 40-тина илјади примаат инсулин.

Андријана Ѓурческа