Напади врз Украина, санкции за Русија
Русија со нови жестоки напади врз Украина. На удар се најде бисерот на Црно Море, Одеса, како и Харков. Погодена енергетската и пристанишната инфраструктура. Трамп се закани со санкции за сите земји кои ќе прават бизнис со Москва, навести дека на листата може да го придодаде и Иран...

Украина направи историски чекор во зајакнувањето на својата одбрана. Во момент на секојдневни интензивни руски напади врз енергетскиот сектор пред зимата, Киев купува десетици воени авиони „Рафал“ од Франција откако украинскиот претседател Зеленски и неговиот француски колега Макрон потпишаа договори за соработка во Париз продлабочувајќи го стратешкото партнерство меѓу двете земји.
„Франција навистина ни дава сила и надеж. Ни обезбедува практични и моќни алатки. Овие договори се важни. Украина ќе може да добие 100 авиони Рафал Ф-4, француски радари, осум системи за противвоздушна одбрана и шест системи за лансирање. Тие се многу важни за нас, секој систем за лансирање значи заштита на животите“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Остануваме фокусирани на зближување на нашите одбранбени индустрии и нивно интегрирање како би продолжиле да ја поддржуваме Украина. Модернизација на нејзините вооружени сили, кои остануваат на првата линија на фронтот и се првата линија на одбраната во Европа. Одвраќањето од агресија. Способноста за регенерација на украинската армија е одлучувачки фактор за безбедноста на сите нас‘, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.
Зеленски кој се обидува да ја зајакне меѓународната поддршка на својата европска турнеја, утре заминува за Шпанија. САД веќе работат на закон кој ќе ги санкционира сите земји што соработуваат со Русија. Мерките би можеле да го опфатат и Иран-клучниот сојузник на Москва. Кремљ реагира.
„Републиканците воведуваат закони – многу строги. Тоа е санкционирање за секоја земја што соработува со Русија. Тие може да го додадат Иран на тоа, како што знаете, јас го предложив. Значи, секоја земја што соработува со Русија ќе биде многу строго санкционирана“, порача американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Ќе го следиме напредокот на овој закон и деталите што ќе се дискутираат. Секако, би реагирале исклучително негативно на ова‘, истакна Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Додека бројот на жртви и повредени расте на украинскиот фронт, Полска објави дека експлозијата што ја оштети железничка пруга на линијата Варшава-Лублин е предизвикана од чин на саботажа. Истовремено, Романија евакуира погранично село откако руски дрон погоди танкер за течен гас во украинско пристаниште преку реката Дунав.
Бојана Крстевски
