Култура

МНТ со „Ничија земја“ гостува во Националниот театар во Будимпешта

17.11.2025 21:02

Во среда, на 19-ти ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Национален театар „Немцети Шиназ“ во Будимпешта, Унгарија, со наградуваната претстава „Ничија земја“...

Во среда, на 19-ти ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Национален театар „Немцети Шиназ“ во Будимпешта, Унгарија, со наградуваната претстава „Ничија земја“.

Во пресрет на гостувањето на МНТ во „Nemzeti Színház“, директорот Никола Кимовски потенцираше дека ова е голема чест и силна потврда за квалитетот и зрелоста на нашиот ансамбл.

„Ова гостување е повеќе од еднократен културен настан, и е ново поглавје во нашата меѓународна соработка. Унгарската публика ќе има можност да ја почувствува енергијата на „Ничија земја“, а ние со ист ентузијазам го очекуваме нивното гостување во Скопје следната година. Верувам дека ова партнерство ќе прерасне во долгорочна и продуктивна размена“,  изјави директорот на МНТ Никола Кимовски.

Публиката во Будимпешта ќе има можност да ја погледне претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов и во изведба на актерскиот ансамбл: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

Гостувањето е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции, како резултат на Меморандумот за соработка, кој го потпишаа директорите Никола Кимовски од МНТ и Атила Видњански од Националниот театар во Будимпешта. Веќе следната година напролет, унгарскиот Национален театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.