СБ на ООН го одобри мировниот план на САД за Газа
Истовремено, израелските сили ќе се повлечат, освен околу безбедносниот појас...

Советот за безбедност на ОН го одобри американскиот мировен план за Газа, кој предвидува распоредување Меѓународни сили кои во координација со Израел, Египет и палестинската полиција, ќе ги обезбедуваат границите, ќе ја демилитаризираат Газа и ќе ги заштитат цивилите. Истовремено, израелските сили ќе се повлечат, освен околу безбедносниот појас. Мисијата ќе биде коалиција предводена од земји со муслиманско мнозинство и ќе функционира под обединета команда.
„Ќе ја искористиме можноста да ставиме крај на децениското крвопролевање и да го направиме трајниот мир реалност. Ќе работиме неуморно со нашите партнери за да ја унапредиме оваа визија за постабилен и просперитетен Блиски Исток“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во ОН.
По одобрената резолуција во ОН, американскиот претседател Трамп најави создавање на т.н. „Одбор за мир“.
„ОН го одобрија Одборот за мир со кој јас ќе претседавам. Ќе биде составен од лидерите на најважните и почитувани нации во светот. Тоа ќе биде нешто важно. Едно од најважните нешта што ООН некогаш го направиле“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Хамас, пак, го отфрли присуството на странски воен персонал во Газа, велејќи дека тоа би претставувало замена за израелска окупација за „странско старателство“.
