Хрватска

Гори облакодерот „Вјесник“ во Загреб

18.11.2025 11:25

Засега нема информации за причините за пожарот и не се пријавени повредени лица. Во моментот на несреќата во објектот немало луѓе.

Во Загреб избувна голем пожар во облакодерот „Вјесник“ кој се проширил вертикално преку вентилациските отвори зафаќајки неколку ката, поради што голем број пожарникари и опрема беа распоредени за да го изгаснат.

Сепак, внатрешната интервенција била прекината поради зголемен ризик. Засега нема информации за причините за пожарот и не се пријавени повредени лица. Во моментот на несреќата во објектот немало луѓе.

„Она што беше многу, многу опасно беше тоа што кога екипите почнаа да се искачуваат за да го изгаснат пожарот на врвот од зградата, огнот почна да се појавува на долните катови; на петтиот и шестиот, па дури и на приземјето – што покренува одредени сомневања дека причината може да биде поврзана со инсталациите на зградата. До 6 часот наутро денес, 30 возила поминаа низ локацијата, некои од нив логистички, се разбира, а беа вклучени околу 80 пожарникари, и професионални и волонтери“, изјави Синиша Јембрих, командант на Загрепската противпожарна служба.

„Пожарот избувна кратко по 23 часот, причината сè уште е непозната. Постојат некои сомневања, но истрага треба да ја утврди точната причина. Знаете дека облакодерот Вјесник е еден од најголемите и најистакнатите згради во Загреб, но за жал целосно е оштетен, како однадвор, така и одвнатре. Инженерите ќе мора да утврдат дали армирано-бетонската конструкција е погодна само за рушење или е можна реконструкција“, изјави Горан Томашевиќ, градоначалник на Загреб.

Истрагата е во тек, а надлежните ќе проценат дали огнот ја уништил конструкцијата на зградата.