Том Круз го доби првиот почесен Оскар по 45 години кариера

18.11.2025 11:46

Филмските аналитичари веќе шпекулираат дека Круз би можел да им се придружи на Хенри Фонда и Пол Њумен – двајца актери кои година по добивањето на почесниот Оскар ја освоија и статуетката за најдобар актер.

По повеќе од четири децении пред камера, една од најголемите филмски ѕвезди на нашето време, Том Круз, конечно ја доби својата прва награда „Оскар“. На 16-тата свечена церемонија на почесните Оскари (Governors Awards) во Холивуд, тој беше одликуван за „неговата непоколеблива посветеност на филмската заедница, поддршката на театарското искуство и неговиот неспоредлив опус“.

Иако три пати досега бил номиниран за најдобра актерска изведба, Ова е првиот Оскар на Круз. Режисерот Алехандро Гонзалез Ињариту, кој му ја врачи наградата, изјави дека ова веројатно нема да биде неговиот последен, алудирајќи на тоа дека токму тој го работи најновиот филм на Круз, што треба да излезе следната година под „Ворнер Брос“.

Филмските аналитичари веќе шпекулираат дека Круз би можел да им се придружи на Хенри Фонда и Пол Њумен – двајца актери кои година по добивањето на почесниот Оскар ја освоија и статуетката за најдобар актер.

Продуцентката Џенифер Фокс и тимот кој стоеше зад церемонијата ја истакнаа уникатната кариера на Круз, кого многумина го нарекуваат „последната вистинска холивудска ѕвезда“. Тој никогаш не работел на телевизиски проекти и упорно го брани искуството на гледање филм во кино-сала, одбегнувајќи ги стриминг-проектите дури и на врвот од неговата популарност.

Во балската сала „Реј Долби“ во Холивуд одекнаа долги овации, а Круз во својот говор им се заблагодари на сите кои ја обликувале неговата кариера – од режисери, сценаристи, актери и монтажери, до каскадери, студија, филмски екипи и, најмногу од сè, на публиката.

„Една претстава е изградена од заедници кои пренесуваат знаење од генерација на генерација. Без публиката, ништо од ова нема смисла“, рече Круз, додавајќи дека се надева неговата работа ќе го инспирира некое дете кое, како и тој некогаш, бара начин да влезе во кино-салата и да открие нови светови.