Светот е во шок: Припадниците на „Исламска држава“ обезглавија втор американски новинар

03.09.2014 10:24

Грозоморното убиство предизвика брз политички консензус во САД дека пред заканата на ИДИЛ не може да се настапува премногу внимателно...

По синоќешното обезглавување на Стивен Сотлоф, вториот американски новинар киднапиран на територијата под контрола на Исламска држава, Велика Британија стравува за животот на својот новинар Дејвид Хејнс.

Премиерот Камерон ќе заседава со средба за тоа како Лондон планира да одговори на заканата од милитантите. И комитетот Кобра ќе ја разгледува заканата на милитантите кои се закануваат со егзекуција на Британецот ако не престанат нападите врз нивните сили.

„Ја користиме оваа прилика да ги предупредиме владите кои се дел од сојузот на злото на Америка против Исламска Држава да се повлечат и да го остават нашиот народ на мира“, вели припадник на ИДИЛ.

Експертите анализираат – премиерот Камерон синоќа не коментираше, но не исклучи ни можна натамошна акција против ИДИЛ. Првата работа е да се спречи смртта на Хејнс, но ако владата не успее, ќе се зголеми притисокот Британија да ја смени улогата од хуманитарна и набљудувачка во воена и да им се придружи на американските напади.

Грозоморното убиство предизвика брз политички консензус во САД дека пред заканата на ИДИЛ не може да се настапува премногу внимателно. Колегите на новинарите потврдуваат дека џихадистите држат во заложништво и други новинари, меѓу кои и Американци и на прво место треба да бидат нивните жители.

„САД треба да преговараат со ИДИЛ. Европа плаќа откуп, а тоа ја поткопува позицијата на САД и на Британија. ИДИЛ веќе и онака има многу извори на финансирање“, вели Метју Вандајк, новинар и пријател на Сотлоф и на Фоли.

САД за сега не ја потврдуваат смртта на Сотлоф, кој беше погубен само 13 дена по обезглавувањето на првиот американски новинар, Џејмс Фоли. Се чека одговор од Обама, кој на снимката беше лично прозван од егзекуторот.

Под притисок од сите политички фактори да реагира брзо, за сега првата одлука е испраќање дополнителни 350 војници за заштита на дипломатските објекти и персоналот во Ирак, но без намера за копнена инвазија. Од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 беа убиени најмалку 70 новинари, а 80 киднапирани.

 

Ивана Салтировска