Блиски исток

Советот за безбедност го одобри планот на Трамп за Газа, Хамас негодува

18.11.2025 14:29

Во Советот за безбедност на ООН усвоен американскиот мировен план за Газа што треба да го обезбеди и демилитаризира појасот под водство на меѓународни сили. Се создава и „Одбор за мир“ како преоден орган со широки овластувања над енклавата. Палестинската самоуправа ја поздравува резолуцијата, Хамас остро ја отфрла. Во истовреме инциденти во Јужен Либан. Тензично на сината линија по израелски оган кон мировници на УНИФИЛ.

Советот за безбедност на ОН го одобри американскиот мировен план за Газа. Меѓународни сили во координација со Израел, Египет и палестинската полиција, ќе ги обезбедуваат границите, ќе ја демилитаризираат Газа и ќе ги штитат цивилите. Израелските сили, пак, ќе се повлечат околу безбедносниот појас. Мисијата ќе ја предводат муслимански земји под обединета команда.

„Резолуцијата го разбива влијанието на Хамас, осигурува дека Газа ќе се издигне ослободена од сенката на теророт, просперитетна и безбедна. Ќе ја искористиме можноста да го направиме трајниот мир реалност. Ќе работиме неуморно со нашите партнери за да ја унапредиме оваа визија за постабилен и просперитетен Блиски Исток“, изјави Мајк Валц, амбасадор на САД во ОН.

Резолуцијата го поддржа и создавањето „Одбор за мир“ како преоден орган со широки овластувања над Газа. Трамп оцени дека ОН направиле едно од најважните нешта во својата историја.

„ОН го одобрија Одборот за мир со кој јас ќе претседавам. Ќе биде составен од лидерите на најважните и почитувани нации во светот. Тоа ќе биде нешто важно. Едно од најважните нешта што ООН некогаш го направиле“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.

Палестинската самоуправа ја поздрави резолуцијата и е подготвена да учествува во спроведувањето, додека Хамас ја отфрла, тврдејќи дека не ги исполнува барањата и нема да се разоружа.

„Резолуцијата наметнува меѓународен механизам за старателство врз Појасот Газа, кој нашиот народ и нивните фракции го отфрлаат. Доделувањето на меѓународните сили со задачи и улоги, вклучително и разоружување на отпорот, го лишува од својата неутралност и го претвора во страна во конфликтот во корист на окупацијата“, стои во соопштението на милитантите.

И додека Израел продолжува со целни напади на југот и северот од Газа, ОН реагираа на инцидентот во Јужен Либан, каде израелски сили отворија оган кон мировници на УНИФИЛ за време на најавена патрола, при што истрелите паднале на околу 5 метри од нив.

„Секој напад врз мировниците е неприфатлив. Тој ја става во опасност стабилноста што Либан и Израел се обврзаа да ја обноват и ги спречува мировниците да ја вршат својата работа за враќање на стабилноста на Сината линија и во регионот“, рече Кандис Ардиел, заменик-портпаролка на УНИФИЛ.

УНИФИЛ тврди дека Израел од ноември заземал дел од либанска територија и гради ѕид кој ја преминува Сината линија, кршејќи го суверенитетот на Либан. Израел, пак, негира и тврди дека ѕидот е на нивна територија.

Бојана Крстевски