Блиски Исток

Состојбата на Блискиот Исток и натаму тензична, жртви и повредени во напад врз бегалски камп во Јужен Либан

19.11.2025 09:50

Американскиот претседател го покани и саудискиот принц Мухамед Бил Салман да биде дел од одборот за мир во Газа. Саудискиот престолонаследник истакна дека за нормализирање на односите со Израел важно е Ријад да се увери дека ќе биде формирана палестинска држава. Состојбата на Блискиот Исток и натаму тензична. Жртви и повредени во напад врз бегалски камп во Јужен Либан. Израелската војска соопшти дека целта бил тренинг-центар на Хамас …

Жртви и повредени во напад врз палестински бегалски камп во јужен Либан. Израелската војска соопшти дека целта бил тренинг-центар на Хамас. Ова е најсмртоносниот инцидент во Либан по прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах пред една година. По вчерашните напади на Западниот Брег, премиерот Нетанјаху изјави дека се решени да ја завршат војната на сите фронтови.

„Доживеавме уште еден палестински терористички напад и сме решени да ја завршиме војната на сите фронтови, вклучително и разоружување на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа за да се осигураме дека Газа повеќе нема да претставува голема опасност“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Израелците и Палестинците го поздравија мировниот план на Трамп за Газа кој беше одобрен од Советот за безбедност на ООН. Планот, како чекор кон траен мир предвидува меѓународни сили на границите и демилитаризација на Хамас. Резолуцијата поддржа и создавање „Одбор за мир“ – преоден орган со широки овластувања над Газа, со кој ќе претседава Трамп. Американскиот претседател го покани и саудискиот принц Мухамед Бил Салман да биде дел од одборот.

„Советот за безбедност на Обединетите нации формално го усвои мојот мировен план и официјално го одобри Одборот за мир. Ова е одбор како никој друг. Ќе ги има шефовите на големите земји. Се надевам, Вашето Височество ќе биде во одборот. Ми беше чест да бидам избран за претседател на тој Одбор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Саудиска Арабија станува главен сојузник на САД надвор од НАТО, истакна шефот на Белата Куќа. Кралството ќе ги зголеми своите инвестиции во Соединетите Држави на трилион долари. За возврат Трамп објави голем безбедносен договор со Ријад, со кој односите меѓу двете земји се подигнуваат на ново ниво и се олеснува трансферот на оружје. Земјата ќе и продава борбени авиони Ф-35 на Саудиска Арабија во аранжман сличен на оној што САД го имаат со Израел.

„Потпишувавме многу договори што ќе отворат врата за подлабок развој на односите во многу области и ќе работиме на тоа. Веруваме дека можностите се огромни. Затоа ќе се фокусираме на имплементација и ќе продолжиме да ги зголемуваме можностите меѓу двете земји“, изјави Мохамед Бин Салман, престолонаследник на Саудиска Арабија.

Трамп се обидува да ги поттикне Саудијците кон нормализирање на односите со Израел. Принцот Салман истакна дека Саудиска Арабија пред потпишување на Аврамовите договори сака да се увери дека ќе биде формирана палестинска држава.

 

Маријана Димовска