Македонија

ЦУК: Водостоите стабилни, теренските екипи интервенираат на повеќе локации

19.11.2025 10:25

Водостоите на водотеците се во рамки на нормалата, со благо покачување, информираат од Центарот за управување со кризи.

Состојбата во државата по обилните врнежи од дожд е стабилна, согласно последните информации од РЦУК 7/24. Водостоите на водотеците се во рамки на нормалата, со благо покачување, информираат од Центарот за управување со кризи.

Регистрирани се следните појави и преземени активности:

Одрон на патниот правец Битола – Прилеп, кај с. Лознани. Известени: МВР ПС Битола и ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта – подружница Битола.

Одрон од голем камен на патниот правец Ресен – Охрид, кај Буково. Известени: МВР ПС Ресен и ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта.

Поплавен објект (фарма) во с. Породин, Општина Битола. Известен: Началникот на штабот за заштита и спасување при Општина Битола.

Поплавена визба на ул. 24 бр. 10 во Битола.

Одрон на патниот правец с. Близанско – Македонски Брод, во должина од околу 15 метри. Известено: ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта. Надлежните служби се координирани и активно постапуваат на терен.