Блиски Исток

Жртви и повредени во напад врз палестински бегалски камп во јужен Либан

19.11.2025 17:33

Американскиот претседател го покани и саудискиот принц Мухамед Бин Салман да биде дел од „Одборот за мир“ во Газа. Саудискиот престолонаследник истакна дека за нормализирање на односите со Израел важно е Ријад да се увери дека ќе биде формирана палестинска држава. Состојбата на Блискиот Исток и натаму тензична, жртви и повредени во напад врз бегалски камп во јужен Либан. Израелската војска соопшти дека целта бил тренинг-центар на Хамас.

Блискиот исток не мирува. Жртви и повредени во напад врз палестински бегалски камп во јужен Либан. Израелската војска соопшти дека целеле на тренинг-центар на Хамас. По нападите на Западниот Брег, премиерот Нетанјаху изјави дека се решени да ја завршат војната на сите фронтови.

„Доживеавме уште еден палестински терористички напад и сме решени да ја завршиме војната на сите фронтови, вклучително и разоружување на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа за да се осигураме дека Газа повеќе нема да претставува голема опасност“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Мировниот план за Газа кој беше одобрен од Советот за безбедност на ООН предвидува меѓународни сили на границите и демилитаризација на Хамас. Со „Одбор за мир“ ќе претседава Американскиот претседател, а ќе учествуваат големите земји. Трамп го покани и саудискиот принц Бил Салман да биде дел од одборот.

„Советот за безбедност на Обединетите нации формално го усвои мојот мировен план и официјално го одобри Одборот за мир. Ова е одбор како никој друг. Ќе ги има шефовите на големите земји. Се надевам, Вашето Височество ќе биде во одборот. Ми беше чест да бидам избран за претседател на тој Одбор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Саудиска Арабија станува главен сојузник на САД надвор од НАТО, истакна шефот на Белата Куќа. Кралството ќе ги зголеми инвестициите во Соединетите Држави. За возврат Трамп објави безбедносен договор, борбените авиони Ф-35 ќе бидат продадени на Ријад.

„Потпишувавме многу договори што ќе отворат врата за подлабок развој на односите во многу области и ќе работиме на тоа. Веруваме дека можностите се огромни. Затоа ќе се фокусираме на имплементација и ќе продолжиме да ги зголемуваме можностите меѓу двете земји“, изјави Мохамед Бин Салман, престолонаследник на Саудиска Арабија

Трамп се обидува да ги поттикне Саудијците кон нормализирање на односите со Израел. Принцот Салман истакна дека потпишување на Аврамовите договори сака да се увери дека ќе биде формирана палестинска држава.

Маријана Димовска