Здравство

Околу 100 илјади граѓани во земјава живеат со ХОББ

19.11.2025 16:18

Цигарите и загадениот воздух, рак-рана за лицата со Хронична опструктивна белодробна болест. Се проценува дека во земјава околу 100 илјади граѓани живеат со ХОББ. Симптомите се влошуваат во зимскиот период и тогаш почесто се бара лекарска помош...

Од цигарите тешко се откажуваат, загадениот воздух дополнително ја отежнува состојбата на пациентите со ХОББ. Симптомите се влошуваат зимскиот период, тогаш почесто се бара лекарска помош. Се вршеа превентивни прегледи, дел од граѓаните упатени на дополнителни испитувања.

„Ме упатија кај матичната докторка. Ќе отидам да се проверам. Јас се осеќам добро, ама ете“, изјави анкетиран.

„Некогаш пушам една кутија, некогаш кутија ипол. Не се откажувам“, рече друг.

„Овие резултати излегоа добри, ама потреба од дополнители прегледи. Пушач сум ама неактивен, умерено“, додаде друг.

Честопати болеста не е препозната од пациентите и лекарите . Навременото откривање и лекување ги зголемува шансите за подолг и поквалитетен живот. Загрижува податокот дека сè почесто страда младата популација.

„Секој 10 човек над 40 години има ХОББ. Ние сме сведоци дека толку пациенти ниту доаѓаат во ординациите да се пожалат на симптоми, ниту ние дијагностицираме толку пациенти. Ниту пак пациентите што веќе се дијагностицирани ја земаат препишаната терапија“, изјави проф. д-р Димитар Киркински – директор на Клиниката за белодробни заболувања и туберкулоза.

„Терапијата земена во ран стадиум може да помогне да ги намали симптомите и да го подобри квалитетот на животот. Малку долнореспираторни инфекции, помалку хоспитализации, помалку компликации и смртниот исход да го тргне на страна“, изјави д-р Зорица Нановиќ – претседател на Здружението на пневмофтиолози.

Недостиг од воздух, тешко дишење, болка во градите, слабост на организмот – се симптоми на ХОББ.

Се проценува дека во Македонија околу 100 илјади граѓани живеат со ХОББ, додека пак во светот 300 милиони. Најмногу заболуваат луѓето кои консумираат цигари.

 

Андријана Ѓурческа