Случај „Пулс“

Родителите на жртвите очекуваат одговорност, но на стартот на судењето се скептични

19.11.2025 16:48

Родителите на жртвите и повредените од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, очекуваат одговорност, иако по самиот старт на случајот, стануваат и скептици. Се сомневаат во игри кои ќе придонесат случајот да трае со години…

Надеж за правда и правна одговорност, но и скептицизам, незадоволство, недоверба, обиди за манипулација – ова се размислувањата и чувствата на семејствата на жртвите на првиот ден од судскиот процес за трагедијата во Кочани.

Ваквите ставови доаѓаат по барањето на адвокатите на обвинетите за одложување на рочиштето, и посочувањето на судијката Груевска-Илиевска, дека на почеток на процесот не може да се знае колку ќе трае. Семејствата бараат највисока казна за обвинетите, но сметаат дека и таа не е доволна за делото за кое се товарат.

Претставниците на семејствата од рано утрината беа пред судницата во близина на затворот Идризово. Во тишина го следеа пристигнувањето на обвинетите.

Судскиот процес се одвива со силно полициско обезбедување и лекарски тимови внатре во судницата.

Марина Стојанова-Тонева