Расте бројот на жртви и повредени по рускиот напад врз Тернопол
Бројот на загинати во рускиот ракетен напад врз Тернопољ се искачи на 25, вклучувајќи три деца, соопшти државната служба за вонредни ситуации на Украина. Повредени се над 70. Операцијата за спасување на луѓето под урнатините е во тек. Москва потврди дека гаѓале украински енергетски и воени цели. Зеленски, кој е во посета на Турција, го осуди нападот...

Расте бројот на жртви и повредени по рускиот комбиниран напад врз украинскиот западен град Тернопол. Спасувачките екипи трагаат под урнатините. Меѓу десетиците повредени има и деца.
Русија жестоко удри и во Харков. Погодени се енергетски објекти и фабрики во Лавов.
„Вознемирувачки почеток на денот – оштетен е енергетски објект, беа погодени магацини и индустриски објекти. Воведени се итни прекини во електричната енергија“, рече Андриј Годик, заменик-шеф на регионалната државна администрација во Лавов.
Москва потврди дека гаѓале украински енергетски и воени цели како одмазда за нападите на Киев. Зеленски, кој е во посета на Турција, го осуди нападот на социјалните мрежи.
„Секој дрзок напад врз обичниот живот покажува дека притисокот врз Русија да ја запре војната е недоволен“, изјави Зеленски.
Украинскиот челник во Анкара се обидува да ги обнови мировните преговори со Ердоган. Се вклучува и специјалниот американски пратеник Виткоф. Според американскиот портал „Аксиос“, Белата куќа подготвила мировен план за Украина од 28 точки, и тоа во соработка со Русија. Од Кремљ велат-нема новости по ова прашање.
„Нема новости што би можеле да ви бидат соопштени. Имаше дискусии во Анкориџ, но и покрај она што беше дискутирано, засега нема новости“, рече портпарол на Кремљ, Дмитриј Песков.
Путин досега одбиваше компромиси и покрај притисокот од САД. Новите американски санкции врз руската нафтена индустрија стапуваат во сила в петок. Во истовреме, Полска го затвора рускиот конзулат во Гдањск како одговор на саботажата на железницата минатиот викенд.
„Овојпат тоа не беше само чин на диверзија, туку државен терор. Затоа решив да ја повлечам дозволата за работа на последниот руски конзулат во Гдањск“, истакна Радослав Сикорски, министер за надворешни работи на Полска.
Русија оцени дека односите меѓу двете земји се целосно влошени. Истовремено, Британија предупреди дека рускиот шпионски брод забележан северно од Шкотска, навлегол подлабоко во британски води.
Бојана Крстевски
