Црна Гора

Будва погодена од поплави, градот парализиран

20.11.2025 10:57

Општинските власти најавија санкции за неодговорните граѓани...

Будва погодена од силни врнежи што предизвикаа големи поплави и го парализираа градот. Реката Грѓевица, која обично е пресушена и чие корито жителите го користат како импровизиран паркинг, нагло надојде и однесе голем број автомобили. Општинските власти најавија санкции за неодговорните граѓани.

„Неодговорното однесување, секако, ќе биде санкционирано, но во овој момент гледаме да ги отстраниме возилата за да не создадат дополнителни проблеми и целосно затнување на коритото на реката“, изјави Никола Јовановиќ, градоначалник на Будва.

„Автомобилот беше паркиран таму неколку дена. Одеднаш надојде бран вода и го однесе таму каде што е сега“, изјави Хранислав Периќ, жител на Будва.

Најкритично е во населбите Велји Виногради и Бабин дол, каде улиците се претворени во реки, а движењето е речиси невозможно. Локалните служби се на терен, но дел од жителите се заробени во своите домови и чекаат помош.