Зеленски со европски мировен план?
Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф ја откажа средбата со Зеленски во Турција. Според Вашингтон, украинскиот претседател не сака да разговара за мировниот план на САД. Зеленски со свој предлог, координиран со Европа, инсистира на разговори во поширок формат. Турскиот претседател Ердоган инсистира на реактивирање на истанбулскиот процес.

Американска воена делегација предводена од секретарот Ден Дрискол пристигна во Киев на разговори со Зеленски за завршување на војната. Посетата следи по извештаите за нов мировен план од 28 точки меѓу САД и Русија, кој наводно предвидува територијални отстапки од Украина. По разговорите со турскиот претседател Ердоган во Анкара, Зеленски изјави дека само Трамп и САД имаат моќ да стават крај на конфликтот, нагласувајќи дека досега го поддржал секој негов одлучен и фер предлог. Смета и на турската дипломатија.
„Многу процеси во моментов се интензивираат. Војната мора да заврши. Русија мора да разбере дека не може да има награда за војна и убивање. Со Турција, го делиме ставот дека Мирот и безбедноста мора да бидат загарантирани. Безбедносните гаранции се многу важни. Ќе продолжиме со тесна координација, работејќи со сите наши партнери“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Турција е подготвена да разговара со Русија за предлози што ќе го забрзаат прекинот на огнот и ќе го отворат патот кон мирот, затоа Истанбулскиот процес мора да се реактивира – порача Ердоган.
„Турција е секогаш подготвена да разговара со Русија за предлози што ќе го забрзаат прекинот на огнот и ќе го отворат патот за праведен и траен мир. Во овој контекст, го цениме вклучувањето на нашиот сојузник, САД, во овој процес. Би било корисно повторно да се активира Истанбулскиот процес. Веруваме дека разговорите во Истанбул се важна пресвртница во напорите за дипломатско решение“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.
Руската флота во сенка, но и новиот мировен план за Украина се меѓу главните теми на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Шефицата на европската дипломатија, Калас, цврста на ставот дека Украина и Европа мора да бидат на преговарачка маса.
„Ќе дискутираме за Украина, за тоа што можеме повеќе да направиме за флотата во сенка која ќе влијае врз руските енергенси и финансирањето на војната. Но, секако ќе разговараме и за последните новости, како што знаете ние европејците го поддржуваме праведниот и траен мир и сите напори тој да се постигне, но за да успее на маса мора да бидат и Украинците и Европејците. Ова е многу јасно. Мора да разберете дека во оваа војна Русија е агресор и досега не сме чуле за никакви отстапки од нивна страна. Ако Русија навистина сака мир тогаш мора да се согласи на безусловен прекин на огнот“, изјави Каја Калас -висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Русија е отворена за продолжување на преговорите за Украина, велат од Кремљ, наведувајќи дека моменталната пауза во разговорите не е вина на Москва, туку на Киев.
„Москва е отворена за продолжување на преговорите. Прекинот што се случи е последица на неподготвеноста на режимот во Киев да го продолжи овој дијалог“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Во истовреме, на фронтот не запираат руските напади. И двете страни јавуваат за соборени дронови додека украинските тимови цела ноќ продолжија со пребарувања и спасувања под урнатините по синоќешниот напад во Тернопољ. Бројот на жртви се искачи на 26, а речиси 100 се повредени.
Бојана Крстевски
