Изложба „Приказни од маргините“ во Музеј на град Скопје
„Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.

Вечева во 20 часот во Музеј на град Скопје се отвора изложбата „Приказни од маргините“ на Ѓорѓе Јовановиќ. „Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.
Таа го користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.
Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска. Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествено сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот. Расказите Oдбивање и Одрон од Стефан Алијевиќ, 9:15 од Николина Андонова Шопова, Покана за дејт од Петар Андоновски, Пловење по Дунав од Румена Бужаровска, Задоцнетиот подарок од Георги Господинов; и Вила Тибериа од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.
Уметничката практика на Ѓорѓе Јовановиќ (1980) се развива низ експериментални и интердисциплинарни пристапи кои го истражуваат односот меѓу поединецот и општествените процеси на интеграција и дезинтеграција. Неговото творештво, често втемелено во специфични социјални, политички и урбани контексти, ги адресира кревките структури на современото живеење, редефинирањето на универзалните вредности и трансформациите што ги обликуваат идентитетите и колективните наративи.
Јовановиќ е добитник е на повеќе награди и професионални признанија.
