Свет

Рубио: Окончувањето на војната во Украина бара тешки, но неопходни отстапки од двете страни

20.11.2025 14:06

Тензични момнетни за Украина. Воена делегација од Вашингтон пристигна во Киев на разговори со Зеленски за окончување на војната откако протече таен мировен план на САД, наводно дискутиран со Русија. Државниот секретар Рубио порача дека крајот на војната ќе бара „тешки, но неопходни отстапки“. Во Брисел консултации...

Во Украина владее силна вознемиреност по пристигнувањето на американска делегација на разговори со Зеленски за ставање крај на војната, во време на протечени извештаи за нов мировен план од 28 точки на САД, тајно преговаран со Русија, кој наводно предвидува територијални отстапки од Киев. Американскиот државен секретар Рубио истакна дека окончувањето на војната бара тешки, но неопходни отстапки и од двете страни.

„За да се заврши сложена и смртоносна војна како онаа во Украина, потребна е широка размена на сериозни и реални идеи. Затоа развиваме и ќе продолжиме да развиваме список на потенцијални идеи за завршување на оваа војна врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“ -напиша Рубио.

Европските министри за надворешни работи на консултации во Брисел. Мерките против руската флота во сенка, но и новиот мировен план – меѓу главните теми. Варшава и Берлин скептични околу извештаите. Шефицата на европската дипломатија децидна-Украина и Европа мора да бидат вклучени за да функционира каков било мировен план.

„Европа го поддржува праведниот и траен мир и сите напори тој да се постигне, но за да успее, на маса мора да бидат и Украинците и Европејците. Ова е многу јасно. Мора да разберете дека во оваа војна Русија е агресор и досега не сме чуле за никакви отстапки од нивна страна“, изјави Каја Калас, висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Зеленски вели дека само Трамп и САД имаат моќ да стават крај на конфликтот, нагласувајќи дека досега го поддржал секој негов фер предлог. По разговорите со Ердоган во Анкара, смета и на турската дипломатија.

„Многу процеси во моментов се интензивираат. Војната мора да заврши. Со Турција, го делиме ставот дека мирот и безбедноста мора да бидат загарантирани. Безбедносните гаранции се многу важни“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Турција е секогаш подготвена да разговара со Русија за предлози што ќе го забрзаат прекинот на огнот и ќе го отворат патот за праведен и траен мир. Во овој контекст, го цениме вклучувањето на нашиот сојузник, САД, во овој процес“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Русија е отворена за продолжување на преговорите за Украина, велат од Кремљ, наведувајќи дека моменталната пауза во разговорите не е вина на Москва, туку на Киев.

„Москва е отворена за продолжување на преговорите. Прекинот што се случи е последица на неподготвеноста на режимот во Киев да го продолжи овој дијалог“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

На фронтот не запираат руските напади. И двете страни јавуваат за соборени дронови.

Бојана Крстевски