ИЈЗ: Зголемен бројот на тинејџери кои пушат електронски цигари, потребни се измени во законот
За 4 години, за 10% се зголемил бројот на тинејџери кои пушат електронски цигари, лесно се достапни, имаат различни вкусови и бои – а тоа ги прави привлечни. Од Институтот велат потребни се законски измени со кои ќе бидат опфатени и овие производи. Во ИЈЗ многу малку тинејџери бараат помош за откажување од цигарите, обично се јавуваат повозрасни кои имаат здравствени проблеми …

За четири години, за 10% се зголемил бројот на тинејџери кои пушат електронски цигари – потребни се итни промени во законот, алармира Институтот за јавно здравје. Лесно се достапни, а различни вкусови и бои кај младите оставаат впечаток дека се безбедни. Лекарите велат електронските цигари се поштетни од обичните. Никотинот предизвикува поголема зависност од катранот.
„Никотинот е поштетен од катранот и јаглерод моноксид што го имаат цигарите. Конкретно кај децата влијае на лобусите во мозокот кои се одговорни за импулси. При изложување на никотин децата стануваат зависни“, изјави д-р Мартин Петровски – Институт за јавно здравје.
„Ниту една институција сама не може да го реши овој проблем. Потребна е координација помеѓу институциите, училиштата, здравствениот сектор, медиумите и семејствата“, изјави д-р Давид Здравевски – Институт за јавно здравје.
Загрижува податокот што многу малку тинејџери бараат помош на телефонската линија за откажување од цигарите во Институтот за јавно здравје, обично се јавуваат повозрасни кои имаат здравствени проблеми.
Освен тутунот, податоците покажуваат дека над 60 проценти од средношколците консумираат алкохол, а се поприсутна е и дрогата.
„Само во моето маало седум деца изгубивме поради дрога. Кое е најдено во лифтот, подрумот, поткровјето или кај тревникот. Причината е ниското ниво на свест кај институциите задолжени да го следат овој проблем“, изјави Миле Гиновски – социолог.
Во земјава, цигари се консумираат уште од најрана возраст. 40 проценти од младите до 18 години пушат, а по цигара се посегнува уште на 13-годишна возраст.
Андријана Ѓурческа
