ЦУК

Стабилна состојбата со поплавите, информираат од ЦУК

20.11.2025 16:40

Стабилна е состојбата со поплавите во државата. Екипите на терен активно работат на расчистување. Водостоите се намалуваат, поголеми штети нема. Пчиња се излеа во Старо Нагоричане.

Стабилна е состојбата со поплавите во државата. Водостојот на реките се намалува. Од Центарот за управување со кризи регистрираат излевања на неколку локации ширум државата, но поголеми штети нема. Екипите на терен активно работат на расчистувањето.

Се стабилизира и водостојот на Пчиња, иако е двојно поголем од просекот за ноември. Излевање има во близина на меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и бањата Стрновац. Екипи на Водостопанство и Општина Старо Нагоричане, ги чистат наносите од дрвја и смет.

„Имаме исчистено повеќе од шест километри речни корита. Во кумановскиот дел немаме излевање, исчистивме, во Табановце, Којнарка, Липковка, и делот до населбата Средорек, ќе се чисти во должина од осум километри“, нагласи Дарко Живковски, раководител Водостопанство Куманово.

„Имаме стабилна моментална состојба. Имаме најавено нови врнежи, работиме активно нашите екипи се на терен на мостовите затоа што имаме големи дрвја донесено и има проблем ќе успееме вчера, денес и утре тој дел да биде саниран“, истакна Мирослав Славковски, градоначалник Општина Старо Нагоричане.

Пожарникарите од Старо Нагоричане безбедно извлекле и две лица заглавени во автомобил во надојдената вода на Пчиња кај Стрновац.

Стабилна е и состојбата со водата во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Водата веќе е повлечена, а поставена е и заштита.

Елена Георгиевска