Уставен суд

Уставниот суд поведува постапка против линеарното зголемување на пензиите

20.11.2025 15:41

Уставен поведува постапка против линеарното зголемување на пензиите. Со поведување на оваа постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано...

Уставниот суд поведува постапка против линеарното зголемување на пензиите. Се оспорува членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од јули, годинава.

Оспорениот член 2 е всушност одредбата согласно која правото на редовното месечно усогласување на пензиите, направено врз основ на порастот на плати и трошоци за живот, се заменува со линеарна распределба на вкупниот износ на средствата за сите пензионери подеднакво, без оглед на стекната и остварена висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.

„Уставниот суд во оваа фаза од постапката, изрази сомнеж дека со оспорениот член 2, се нарушени уставните принципи на социјална праведност, еднаквост на граѓаните, правната сигурност и легитимните очекување како правни принципи. Имено, се поставува прашањето, дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот за пензија и нееднаквост меѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии“, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Со поведување на оваа постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.

 

Марија Котовска