ОЈО Кочани

11 лица под истрага за злоупотреби поврзани со даночното работење во “Пулс”

20.11.2025 18:52

Основното јавно обвинителство Кочани отвори постапка против 11 лица за поткуп и злоупотреби поврзани со даночното работење на клубот „Пулс“. Државниот обвинител Коцевски вели дека оваа предистрага не е поврзана со пожарот...

Основното јавно обвинителство Кочани отвори постапка против 11 лица за поткуп и злоупотреби поврзани со даночното работење на клубот „Пулс“. За двајца даночни контролори од регионалната дирекција Штип, почната е истрага. Се товарат дека ја искористиле службената положба и го предупредувале одговорното лице за ненајавени контроли во дискотеката, за возврат добивале подароци од синот на реалниот сопственик на „Пулс“. Тој е осомничен за давање поткуп.

„Тие се осомничени за – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на „Пулс“ е осомничен за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик. За првите двајца обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс“, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените“, стои во соопштението на ОЈО.

Осомничени се и шест даночни инспектори и управници од регионите дирекции во Штип и Струмица. Се товарат за злоупотреба на службената положба, бидејќи им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација. Сопственикот на „Пулс“ е осомничен за фалсификување исправа.

„Сопственикот на „Пулс“ кој веќе е во притвор во другиот предмет е осомничен за Фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот“, додаваат од Обвинителството.

Во постапката осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која исто така е опфатена во случајот со кочанската трагедија, за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело оддавање службена тајна поради откривање информации за ненајавени контроли, соопштија од ОЈО.

Државниот обвинител Коцевски вели дека оваа предистрага не е поврзана со пожарот.

„Овој предмет не може да се спои со сегашниот предмет за Кочани затоа што овде не е поврзаноста со штетната последица, односно смрт. Ова се кривични дела за злоупотреба, давање и примање поткуп, што нема врска со овој кривично правен-настан, односно со предметот за Кочани кој во моментов е во тек“, изјави Коцевски.

Од МВР велат дека координираната акција меѓу повеќе полициски сектори има за цел да обезбеди докази и нивно ефикасно документирање.

Викторија Милевска