Зеленски подготвен да разговара со Трамп за планот
Објавен планот на Трамп за крај на војната во Украина. Предвидува Киев да направи територијални отстапки на исток, да ги намали вооружените сили и да не бара членство во НАТО. Иако Киев досега отфрлаше вакви предлози, Зеленски не ја исклучува можноста за дискусија за планот …

Украина се стреми кон вистински мир и нема да се обидува да го наруши мировниот процес, уверува украинскиот претседател. Зеленски потврди дека од САД ги добил предлозите за завршување на војната. Во планот на Трамп од 28 точки се прецизира суверенитетот, реконструкцијата, политичкиот статус и безбедносните гаранции. Меѓу другото Украина мора да организира избори 100 дена од прекинот на огнот.
„Очекувам да разговарам со претседателот Трамп во наредните денови. Свесни сме дека силата и поддршката на Америка можат да го доближат мирот во реалноста и не сакаме да го изгубиме тоа. Исто така, разбираме дека Русија нема вистинска желба за мир, инаку немаше да ја започнат оваа војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Според објавеното во американските медиуми, Киев ќе ја отстапи контролата врз источниот регион Донбас, но ќе ја задржи законската сопственост за што ќе добива кирија од Русија. Крим, Донецк и Луганск ќе бидат де факто признати како руски. Украина ќе мора да ја намали војската и да вети дека нема да се придружи на НАТО. Русија се откажува од други територии надвор од петте региони, нема да ги напаѓа соседите и нема да се меша во извозот на жито преку Црно Море. Сите страни ќе добијат целосна амнестија за дејствијата за време на војната. За мировниот предлог од 28 точки дебата и во Советот за безбедност на ООН.
„Нашите црвени линии се јасни и непоколебливи. Никогаш нема да има никакво признавање, формално или на друг начин, на украинската територија привремено окупирана од Руската Федерација како руска. Нашата земја не е на продажба“, изјави Христина Хајовишин, заменик-постојан претставник на Украина во ООН.
„Овој таканаречен итен прекин на огнот и е потребен на Украина само за да се осигури дека поразените сили ќе го добијат долгоочекуван одмор“, изјави Василиј Небензја, постојан претставник на Русија во ООН.
Една од точките во планот предвидува Вашингтон и Москва да потпишат долгорочен договор за економска соработка, санкциите ќе бидат укинати, а Русија ќе биде поканета повторно да се приклучи на Г8. Планот изготвен од специјалниот претставникот, Виткоф, американскиот државен секретар Рубио и зетот на Трамп, Кушнер е добар за двете страни, соопшти Белата куќа.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење уште од првиот ден, па дури и за време на кампањата, дека сака да заврши оваа војна. Тоа е добар план и за Русија и за Украина. И веруваме дека треба да биде прифатлив за двете страни и работиме многу напорно за да го реализираме“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Од ЕУ ги поздравија напорите за долготрајно и праведно решавање на војната, но нагласија дека за таквото решение да функционира во неговото носење мора да бидат вклучени Украинците и Европејците. На фронтот продолжуваат борбите. Крвава ноќ во Запорожје и во Одеса, Украина брои жртви.
Маријана Димовска
