ЦУК

Обилните врнежи предизвикаа пораст на водостојот на реките и локални излевања

21.11.2025 10:30

Обилните врнежи во последните 24 часа предизвикаа пораст на водостојот на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи.

Обилните врнежи во последните 24 часа предизвикаа пораст на водостојот на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи. Најавени се продолжени врнежи, грмежи и силен јужен ветер, а сите надлежни служби се ставени во зголемена готовност.

Според податоците од ЦУК, најкритична е состојбата во Битолско, каде реката Шемница се излеала кај селото Лера и поплавила куќа и штали. Во општина Новаци, пак, сообраќајот кон рудникот Брод – Гнеотино е во прекин поради надојдената вода од Црна Река.

Во Преспанскиот регион се евидентирани излевања на реки во селата Царев Двор и Дрмени, каде што се поплавени повеќе домови. Постојат индиции за можно излевање и на Голема Река.

Во Струмичко нема пријавени штети, но регистрирани се одрони на патот Струмица – Валандово. Слична состојба се бележи и во Велешко, каде на два патни правци има одрони и паднато дрво. Водостојот на Вардар во градот е значително зголемен, со потенцијална опасност за излевање кај автобуската станица.

Во Охридско, каде врнежите биле најобилни – со 66 литри на квадратен метар во Претор – водостојот се значително покачени. На повеќе локации има излевања, а екипи интервенираат во Косел, Опеница и околу течението на Сатеска и Скребатска Река. Забележано е и високо ниво на реката Сатеска.

Во Скопскиот регион коритата на реките се подигнати, но засега нема излевања. Кумановско, Кратовско и Тетовско поминуваат со зголемени нивоа на водотеци, но без значајни штети. На повеќе места се расчистуваат наноси и одрони.