Вашингтон: Планот е добар за двете страни
Украина го доби планот на Трамп од 28 точки за крај на војната. Документот предвидува Киев да направи територијални отстапки на исток, да ги намали вооружените сили и да не бара членство во НАТО. Зеленски не ја исклучува можноста за дискусија, од Москва велат дека итниот прекин на огнот им е потребен на Украинците за одмор. Од Белата куќа со став, планот е добар за двете страни…

Украина се стреми кон вистински мир и нема да се обидува да го наруши мировниот процес, уверува Зеленски. Потврди дека од САД ги добил предлозите за завршување на војната. Во планот на Трамп од 28 точки се прецизира суверенитетот, реконструкцијата, политичкиот статус и безбедносните гаранции. Меѓу другото, Украина мора да организира избори 100 дена од прекинот на огнот.
„Очекувам да разговарам со претседателот Трамп во наредните денови. Свесни сме дека силата и поддршката на Америка можат да го доближат мирот во реалноста и не сакаме да го изгубиме тоа. Исто така, разбираме дека Русија нема вистинска желба за мир, инаку немаше да ја започнат оваа војна“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според објавеното во американските медиуми, Киев ќе треба да ја отстапи контролата врз Донбас, но ќе ја задржи законската сопственост за што ќе добива кирија од Русија. Крим, Донецк и Луганск ќе бидат де факто признати како руски. Украина ќе мора да ја намали војската и да вети дека нема да се придружи на НАТО. Русија се откажува од други територии надвор од овие региони, нема да ги напаѓа соседите и нема да се меша во извозот на жито преку Црно Море. Сите страни ќе добијат целосна амнестија за дејствијата за време на војната. За мировниот предлог, дебата и во Советот за безбедност на ООН.
„Нашите црвени линии се јасни и непоколебливи. Никогаш нема да има никакво признавање, формално или на друг начин, на украинската територија привремено окупирана од Руската Федерација како руска. Нашата земја не е на продажба“, рече Христина Хајовишин, заменик-постојан претставник на Украина во ООН.
„Овој таканаречен итен прекин на огнот и е потребен на Украина само за да се осигури дека поразените сили ќе го добијат долгоочекуван одмор“, нагласи Василиј Небензја, постојан претставник на Русија во ООН.
Од ЕУ ги поздравија напорите за долготрајно и праведно решавање на војната, но нагласија дека за таквото решение да функционира во неговото носење мора да бидат вклучени Украинците и Европејците.
„Сакаме да се осигураме дека Украина ќе може да зборува за овие точки од силна преговарачка позиција и дека Украина ќе биде таа што ќе треба да одлучи какви компромиси ќе направи“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
Една од точките во планот предвидува Вашингтон и Москва да потпишат долгорочен договор за економска соработка, санкциите да бидат укинати, а Русија ќе биде поканета повторно да се приклучи на Г8.
Марјана Димовска
