Актуелниот генерален секретар на ДКСК, Адем Чучуљ - едногласно предложен за нов претседател на Комисијата
Актуелниот генерален секретар на Антикорупциска, Адем Чучуљ добил најмногу поени на Комисијата за избори и именувања, за избор на претседател. Претходно, десетемина кандидати беа на интервју пред Комисијата за селекција. Според Комисијата за селекција на кандидатите, Чучуљ покажал значајно искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за работата и развојот на ДКСК...

Се поизвесно е дека актуелниот генерален секретар на Антикорупциска, Адем Чучуљ ќе биде идниот претседател на Комисијата. Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит, најдобро оценет од Комисијата за избор и именување, со 96.5 од вкупно 100 поени. Во службите на Антикорупциска работи 19 години. На пленарна седница во Собранието се очекува да биде избран во почетокот на декември.
„Најдобро рангиран кандидат од спроведеното интервју е Адем Чучуљ. Дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје кој е прв на ранг-листата и доби најголем број на бодови односно 96.5 бодови. Констатирам дека Комисијата со 10 гласа „за“, едногласно ја утврди предлог одлуката за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата и истата ќе ја достави до Собранието“, изјави Ѓоргија Сајковски – претседател на Комисијата за избор и именување.
Постапката за избор на претседател беше стопирана поради локалните избори. А Собранието врши повторен избор на прв човек на Антикорупциска по оставката на Татјана Димитровска, која е осомничена за вмешаност во случајот „Адитив“ за оддавање на службена тајна и за фалсификување на исправа.
За претседател на Антикорупциска првично се пријавија 13 кандидати. Еден од нив ги повлече документите, а за двајца се утврди дека не ги исполнуваат условите.
Андријана Ѓурческа
