Кривичен суд

Ново рочиште за случајот со Југослав Николовски, прегазен на пешачка патека на кејот на Вардар

21.11.2025 16:30

Ново рочиште за 25-годишниот мотоциклист Фатон Љури, кој смртоносно го прегази 68-годишниот пензионер, Југослав Николовски на пешачка патека во Паркот на франкофонијата. На денешното судење сведочеше семејството на Николовски …

Со изведување на докази и испитување сведоци, продолжи рочиштето за случајот со Југослав Николовски кој беше прегазен на пешачката патека на кејот на Вардар. Обвинителството предложи да бидат одбиени доказите на одбраната на обвинетиот Фатон Љури, а судот прифати дел од нив.

На рочиштето сведочеше сопругата на Југослав која низ солзи го раскажа моментот како дознала за неговата смрт. Вели, обвинетиот не застанал да му даде помош на пензионерот и веднаш заминал од местото на несреќата. Раскажа и какви здравствени последици оваа трагедија оставила врз нејзиното семејството. Една ќерка го изгубила бебето во вториот месец од бременоста, додека на другата и се влошила здравствената состојба.

Одбраната на обвинетиот Љури побара одложување на рочиштето, за да може и тој да даде завршни зборови откако неколку пати поради влошена здравствена состојба не се појави на судењата. Претходно тој делумно призна вина.

Следното рочиште за овој случај е закажано на 28-ми ноември.

Викторија Милевска